Фудбалерите на ПСЖ напорно се подготвуваат за дуелот од четвртфиналето на Лигата на шампионите против Барселона на домашен терен. Тренерот на Светците, Луис Енрике, во својата фудбалска кариера настапуваше и за Реал Мадрид и за Барселона, но кај Каталонците остави многу поголема трага.
Дуелот против Барселона за него ќе биде емотивен, но вели за да покажеш дека си на највисокото ниво, мораш да ја победиш Барселона.
„Да играш против Барселона ми е емотивно, но во исто време и возбудливо. Сакам добро да ја завршам мојата работа. Сакам мојата екипа да победи во овој натпревар. Сакам и ним и себеси да си покажам дека како професионалец сум на највисокото ниво, а за тоа потребно е да ја победиме Барселона“, рече Луис Енрике.
Сепак, вели дека натпреварите се добиваат на теренот, а против Барселона треба да доминираш за да победиш.
„Натпреварот го добиваат играчите, ќе го добие екипата која има контрола на теренот и поголем посед на топката, како и екипата која ќе знае да ги искористи шансите. Нашата цел е јасна, ќе се обидеме да издоминираме на теренот против Барселона. Ќе го користиме нашето оружје, а доколку во некој момент нема да бидеме во можност да ја држиме топката, ќе мора да се браниме и да му создаваме проблеми на противникот“, додава тренерот на ПСЖ.