Ливерпул загуби со 2:0 во градското дерби против Евертон и со тоа шансите да ја освои титулата во Премиер лигата ги сведе на теорија. Ливерпул по 34 кола има 74 бода, три помалку од Арсенал, додека Манчестер сити има 73 бода и дури два натпревари помалку.
Ова значи дека Јирген Клоп нема да си замине од Ливерпул со титулата во Премиер лигата, Црвените до пред две-три недели беа во игра за освојување на четири трофеи, но на крајот извесно е дека ќе останат само со триумфот во Лига купот.
Ливерпул испадна во ФА купот и во Лигата на нации, а титулата во Премиер лигата изгледа невозможна мисија.
Резултатот на „Гудисон парк“ го отвори Џаред Брантвајт со голот во 27-та минута, а во вториот дел, Доминик Калвет-Луин ги урна надежите на Црвените за пресврт.
Евертон пак, со победата речиси си го обезбеди опстанокот во Премиер лигата.
Манчестер јунајтед со 4:2 го совлада Шефилд јунајтед и го прескокна Њукасл на табелата. Црвените ѓаволи се искачија на шестото место на табелата со 53 бода, додека Њукасл со поразот од 0:2 на гостувањето кај Кристал палас остана на 50 бода.
Во првото полувреме беше 1:1 на „Олд трафорд“, а во вториот дел Бруно Фернандес режира пресврт.
Португалецот прво во 61-та минута израмни на 2:2 откако претходно Бреретон Дијас погоди за Шефилд. Фернандес во 81-та минута од пенал погоди за 3:2, а конечниот резултат го постави Расмус Хојлунд.