Само пет минути по завршувањето на синоќешниот меч меѓу Баерн Минхен и Реал Мадрид (2:2) во првата полуфинална пресметка во Лигата на шампионите, Ралф Рангник, се согласил да го води германскиот тим од следната сезона, објави германскиот магазин „Билд“.
Според „Билд“, остануваат уште неколку ситни детали да се договорат меѓу Баерн и Рангник кој летово ќе ја предводи репрезентацијата на Австрија на Европското првенство.
Потврда дека актуелниот селектор на Австрија ќе го наследи Томас Тухел на клупата на Баерн Минхен, дојде и од претседателот на германскиот тим, Херберт Хајнер.
„Рангник е голем познавач на фудбалската сцена. Има неверојатни вештини за развој на играчи и на екипи. Се што слушнав за репрезентацијата на Австрија под негово водство е многу позитивно. Разговорите со него одат во добра насока, ќе биде добро решени за нас. Се надевам дека нема продолго да го чекаме, ќе видиме кога ќе можеме да објавиме нешто. Брзо ќе знаеме во која насока одиме“, изјави Хајнер.
Ралф Рангник од 2022 година ја води селекцијата на Австрија, а во тренерската кариера ги водеше екипите на Манчестер јунајтд, Ред Бул Лајпциг, Шалке, Хофенхајм, Хановер и Штутгарт.
Тој е под договор со Фудбалската федерација на Австрија до 2026 и Баерн ако сака да го ангажира ќе мора да се договори со челниците на Федерацијата.