Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, ги сподели своите очекувања за утрешниот реванш дуел со Борусија Дортмунд од полуфиналето на Лигата на шампионите. Првиот натпревар во Германија заврши со 1-0 за германскиот тим, а утре тимовите ќе се сретнат во Париз.
„Ќе победиме. Ова е единствената фраза на француски што ја знам, хахаха. Ми се допаѓа реченицата. Тренерот е лидер и мора да влее доверба кај своите играчи. И работам на тоа секој ден. Идејата е да се игра исто како и на првиот натпревар. Нашата цел е да стигнеме до финалето, ќе мора да бидеме подобри од извонредниот тим на Борусија Дортмунд. Прва цел е да постигнеме гол, а потоа да го добиеме мечот. Прво треба да го добиеш натпреварот. Можеш да постигнеш два гола за три минути, но може и да примиш. Мора да бидеме 100% фокусирани. Ако примиме гол, не е важно, ќе мора да останеме смирени, исто како против Барселона“, изјави Енрике.
Енрике кажа и што ќе се случи ако бидат елиминирани.
„Животот ќе продолжи, пак ќе има сонце и кога има сонце во Париз, тоа е прекрасно. Ќе му честитаме на противникот, и ќе се обидеме да победиме следната година“, додаде Шпанецот.