Македонската ракометна репрезентација вечерва во салата „Борис Трајковски“ ќе игра против Фарски острови во меч кој треба да го даде патникот на следното Светско првенство. Ова ќе биде реванш дуел од баражот откако на првиот меч одигран во Торшавн, Фарски острови славеше со 34:27.
Фарски острови никогаш не учествувале на Светско првенство, а оваа селекција пред неколку месеци испиша историја откако прв пат беше дел од Европското првенство во Германија и таму заврши со едно реми и два порази што беше доволно за 20 место на континенталниот собир.
Македонија мора да брка победа барем од седум погодоци во кои гостите ќе постигнат помалку од 27 погодоци или да славиме со осум или повеќе голови, ако Фарски острови ја надминат границата од 27 голови.
Нашата репрезентација повеќе од една деценија е дел од големите натпреварувања. Од 2012 година кога игравме на Мундијалот, па во секоја следна година нашата репрезентација беше дел од Европско или Светско првенство.
Вкупно 13 години во низа сме дел од завршниците на големите натпреварувања, а сега избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе имаат тешка задача да ја продолжат оваа одлична серија.
Гостите имаа проблем при доаѓањето во Македонија. Нивниот авион доцнеше и дури синоќа пристигнаа во Скопје, што значи дека немаат ни 24 часа престој во нашата земја пред одигрување на дуелот.