Манчестер јунајтед ја има една од најслабите сезони. Со 54 бода, Црвените ѓаволи моментално се на осмото место на табелата, а вечерва на „Олд Трафорд“ играат против Њукасл. Со победа, домашниот тим може да се израмни со Њукасл, кој е на шестото место, и да се бори за место кое води во Конференциската лига.
Тимот на Ерик тен Хаг може да се избори и за место во Лигата на Европа, но само ако го освои ФА купот, каде што игра во финалето против градскиот ривал Манчестер сити.
Иако уште не е завршена оваа сезона, во Манчестер јунајтед веќе размислуваат за засилувањата кои треба да ги доведат во летниот преоден рок. Според најавите, прв на листата е Џерад Брантвајт од Евертон.
Брантвајт има само 21 година и е еден од најдобрите во тимот на Евертон сезонава. Се претпоставува дека Јунајтед ќе понуди 55 милиони евра за Брантвајт, но прашање е дали Карамелите ќе прифатат затоа што тие потенцираа дека за овој играч би барале 80 милиони евра.