Рајо Ваљекано синоќа и математички го осигури опстанокот во шпанската Ла Лига. Радоста беше голема, па клубот како да го заборави еден од најзаслужните што остануваат прволигаши, Столе Димитриевски, кој синоќа против Гранада по рекорден 190-ти пат стоеше на голот на малиот мадридски клуб.
Димитриевски стана голман со најмногу настапи за Рајо, надминувајќи го Вилфред, кој имаше 189. Столе има примено вкупно 232 гола како голман на Рајо, но сезонава дури на 13 меча ја зачува својата мрежа без да прими погодок и тоа е убедлив рекорд во историјата на клубот.
Но, на социјалните мрежи и на официјалниот сајт на Рајо не се споменува рекордот на Димитриевски, ниту клубот се сети да му даде некаков подарок од типот на дрес со бројот 190, како што прават некои други кога ќе се случи некој јубилеј или рекорд.
Уште не се знае дали Столе ќе остане во клубот или ќе си замине летово. Можеби е време за преселба во поголем и побогат клуб, каде што ќе го ценат со дела, а не само на зборови.