Не престануваат дилемите дали вчера требаше да биде поништен голот на Лукаку

Одлуката да се поништи вториот гол на Ромелу Лукаку со кој Белгија ќе ремизираше против Словачка на Европското фудбалско првенство, покрена многу дебати.

Лукаку даде гол за 1-1 во 87-ма минута по центаршут на Лоис Опенда. Голот беше прегледан од ВАР системот, кој покажа дека во нападот пред центаршутот, топката малку ја допре раката на Опенда додека се бореше за позиција со противнички играч, а потоа одлуката на главниот судија Калил Умут Мелер, кој ја виде ситуацијата и на телевизиски монитор, беше поништување на голот.

Новопоставениот чип во топката потврди дека има контакт со зглобот на Белгиецот, но одлуката на Мелер сепак предизвика сериозни контроверзи околу тоа дали постапката на Опенда била намерна и дали со тоа стекнал предност во ситуацијата.

Поранешниот англиски репрезентативец Гери Линекер на социјалната мрежа Х го опиша поништувањето на голот како „апсолутна глупост“, а и други поранешни фудбалери не ја поддржаа одлуката на турскиот судија.

„За мене оваа игра со рака не е нешто за што требаше да се поништи голот. Контактот беше минорен и не влијаеше на никаков начин“, искоментира Балак.

Некогашниот германски судија Мануел Графе, му даде поддршка на својот колега Мелер.

„Јасно се гледа дека има допир, раката на белгискиот играч не е во природна позиција, таа е изведена напред. Да, не беше намерно, но сепак го гледам како прекршување на правилата. Жал ми е за Белгијците, но моето мислење е дека одлуката на судијата е правилна“, изјави Графе.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести