Албанската фудбалска репрезентација уште во групната фаза ги заврши настапите на Европското првенство, но целиот нивен настап беше пратен со скандали. Даку беше во фокусот на вниманието кога несфатливо ги навредуваше Македонија и Србија, а сега од Германија стигнуваа вести дека има нов неубав момент поврзан со оваа репрезентација.
Еден член од албанската делегација е обвинет дека сексуално вознемирувал 18-годишна вработена во хотелот во којшто престојувала оваа репрезентација во тренинг-кампот, пренесува весникот „Билд“.
Обвинителството во Дортмунд веќе подигнало обвинение за овој случај кој се случил во местото Камен во околината на Дортмунд. „Тогаш се случиле сексуални акти против желба на девојката“, пренесува „Билд“, мислејќи на периодот пред мечот на Албанија против Шпанија, кој се играше на 24 јуни.
Како што се потенцира, обвинетиот не е ниту фудбалер, ниту некој од тренерите. Засега нема налог за апсење на 26-годишниот осомничен.