Екипата на Тиквеш утре го започнува својот прв, историски настап во фудбалска Европа. Освојувачот на Купот на Македонија за противник во првото коло од Конференциската лига го доби исландскиот претставник Брејдаблик, кој минатата сезона во плејофот ја мина Струга и обезбеди пласман во групната фаза, но ги загуби сите шест натпревари.
Тренерот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов, верува дека неговата екипа е поквалитетна и има шанси да мине во следното коло, каде што за противник би ја имале косовска Дрита.
„Се надевам дека месецов ќе се видиме уште неколку пати. Се подготвуваме за овој историски дуел за Тиквеш во Европа. Имаме доволно информации за противникот и мислам дека доколку барем 70% испочитуваме од она што се договараме досега, Тиквеш ќе оди понатаму. Ние како клуб и град сме горди на тоа што градоначалникот Митко Јанчев стои зад нас и се грижи за клубот. Во Европа клубовите не разговараат за пари, но кај нас е така. Ние сме стабилен клуб од финансиска гледна точка, но секако дека со овој евронастап уште повеќе ќе се подобри. Тиквеш го гледам во Европа и по Дрита, значи сум убеден дека можеме да минеме неколку кола“, рече шефот на стручниот штаб на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов.
Натпреварот помеѓу Тиквеш и Брејдаблик од Исланд се игра утре, четврток, со почеток во 20:30 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.