Давид Бабунски официјално потпиша договор со шкотскиот премиерлигаш Данди јунајтед. Давид е вториот Македонец по Кристијан Трапановски кој летово му се придружи на клубот кој е познат кај нас и по тоа што пред 40-тина години беше противник на славната генерација на Вардар во Купот на УЕФА.
Бабунски во Данди јунајтед доаѓа од унгарскиот Мезоковеш. Договорот е на една сезона, со можност за продолжување на уште една.
„Длабоко сум благодарен за довербата што клубот ми ја укажа. Трпеливо чекав ова да се финализира и го одложив одговорот на другите понуди бидејќи со нетрпение чекав можност каква што е оваа. Доаѓањето во земја во која фудбалската култура е голема и стандардот на лигата е висок се дел од работите што ме мамат, а веќе ја чувствувам големината на клубот. Ќе биде голем предизвик за мене, очекувањата за оваа сезона се големи, треба да веруваме дека можеме да направиме нешто посебно“, изјави Бабунски.