Мароко ја победи Аргентина со 2-1 на стартот на хаотичниот меч од олимпискиот турнир во фудбал за мажи. Ова што се случуваше денеска во Сент Етјен е нешто невидено и преседан во светскиот фудбал.
Реакција имаше и од Лионел Меси кој преку Инстаграм порача: „Необично!“ со емотикон на зачудено лице.
Селекторот на Аргентина, Хавиер Маскерано, изјави дека ова е најголемиот циркус кој го има видено во животот.
А, што се случи?
Аргентина даде гол во 16-тата минута од судиското продолжение и израмни на 2-2. Бесни фанови на Мароко влетаа на терен, а фудбалерите побегнаа во соблекувална. Се мислеше дека средбата е завршена со 2-2, а всушност бил само прекинат.
Верувале или не, по прегледување на снимка во ВАР собата, утврдено е дека голот не е регуларен и судиите го поништиле. Не само тоа, два часа по заминувањето во соблекувална, ги вратиле играчите на терен да одигруваат уште три минути во кои не паднал гол и Мароко победи.