Барса го претстави Флик, за претседателот Лапорта, Германецот е идеален тренер за тимот

Германецот Ханси Флик денеска на прес-конференција е претставен пред медиумите како нов тренер на Барселона, но претседателот Жоан Лапорта беше тој што даваше пожестоки изјави.

Лапорта рече дека финансиската состојба на Барса е подобрена и дека може да си дозволат засилувања, а вети дека наскоро ќе има вести за звучни принови во тимот. Првиот човек на клубот смета дека екс-тренерот Чави, не верувал 100 проценти во играчите кои ги имал.

„Флик има свежина, ќе ни даде нов импулс. Ја земавме предвид неговата биографија, искуство, неговиот начин на тренирање, самодовербата што ја пренесува… и желбата и ентузијазмот што ги видовме во него. На играчите им требаше личност која цврсто ќе верува во нив. Тој е најквалификуваниот човек да го даде овој нов поттик што сакаме да го дадеме на нашиот тим“, рече Лапорта.

Флик рече дека дошол во Барса за да освојува трофеи.

„Многу сум среќен, од првиот момент почувствував дека ова е неверојатен клуб. Сите помагаат, го гледам тоа. Овој клуб сака да се натпреварува за титули и затоа сум тука. Важно е да се освојуваат титули, тоа е мојата цел, да освојувам трофеи. Нема да кажам ништо за играч кој не е од нашиот клуб. Се фокусирам на мојот тим“, изјави Флик кој ја претстави и својата идеја за играта на тимот.

„Не сме далеку од тоа како играа досега, од идеите на Кројф и Гвардиола. Мојата идеја е да имам тим на теренот кој е активен, кој знае што да прави со топката и без топката. Не е важно во каков систем играаме, тоа што сакаме да го видиме е дека играме технички и убав фудбал“, објасни Флик кој беше тренер на Баерн Минхен пред четири години кога ја растурија Барселона со 8-2 во четвртфиналето на Лигата на шампионите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести