Ракометната репрезентација на Хрватска во второто коло од групата А на олимпискиот турнир во Париз беше поразена од селекцијата на Словенија со 31:29. По тешкиот триумф над Јапонија остварен во последните секунди, сега излегоа на површина многу проблеми во хрватската репрезентација, што Словенија ги искористи и дојде до значајна победа пред продолжувањето на натпреварувањето.
Хрватска го отвори мечот подобро и веќе во 12-тата минута имаше предност од четири гола (5:1), но Словенците до крајот на првиот дел се вратија во игра и на одморот заминаа без негатива (13:13).
Во продолжението се играше гол за гол, а Словенците во 49. минута преку Доленец од седум метри дојдоа до предност од два гола (23:21), по што Ферлин го запре ударот на Циндриќ, а Влах постигна гол на другата страна за предност од три гола за Словенија.
Потоа Алекс Влах постигна уште еден гол и практично ги доведе Словенците на чекор од победа. До крајот Хрватите се обидоа да се вратат во мечот, дојдоа на 25:23, по што Шоштариќ имаше контранапад за минус еден, но Ферлин го одбрани неговиот удар.
Бомбач потоа постигна гол за 26:23, а Словенците со два гола на Блаж Јанц повторно отидоа на плус четири, 28:24. Тоа беше крајот на надежите на Хрватска, па Словенија сосема заслужено на крилата на Алекс Влах и Блаж Јанц дојде до првата победа на Олимписките игри.
Двете селекции сега имаат по една победа и еден пораз, а во следното коло Хрватска ќе игра со Германија, додека Словенија ќе се сретне со репрезентацијата на Шведска.