Италија со магичен пресврт ја победи Јапонија во меч кој траеше пет сета и речиси три часа

Неверојатен меч одиграа репрезентациите на Италија и Јапонија во четвртфиналето на олимпискиот турнир во одбојка, а на крајот се радуваа Аѕурите со 3:2 во сетови. Пред мечот, селекцијата на Италија беше голем фаворит за победа, но на теренот не изгледаше така.

Во првиот сет Јапонија покажа дека е мотивирана и дека воопшто не е уплашена од фаворизираниот противник. По израмнетиот резултат 10:10, Јапонија со фантастична серија од 10:2 стигна до 20:12 и без проблеми го доби првиот сет со 25:20.

Многу понеизвесно беше во вториот сет. Италија водеше со 17:14, потоа и со 23:21, но Јапонците со фантастичен финиш освоија четири поени по ред и го добија и вториот сет со 25:23.

Третиот сет беше за памтење. Јапонија постојано водеше и стигна до 24:21, што значеше дека има три меч топки. Сепак, кога беше најпотребно, Јапонците застанаа. Требаше само еден добар прием и добар напад за да стигнат до историско полуфинале на ЛОИ, но тоа не се случи. Италија стигна до 24:24, а потоа Аѕурите го добија сетот со 27:25 и ја продолжија неизвесноста.

Во четвртиот сет психичката предност беше на страната на Италија, па фаворитот брзо стигна до предност од 6:3, потоа и со 11:7. Јапонија израмни на 19:19, беше и 24:24, но во клучните моменти повторно Аѕурите покажаа поголема смиреност и со 26:24, израмнија на 2:2 во сетови.

Во решавачкиот петти сет не можеше да се очекува ништо друго освен драма. Јапонија водеше со 8:6, по тоа Италија со низа од 5:2 поведе со 11:10. Во продолжение до крајот се играше поен за поени, а Италија имаше меч топка на 14:13, но не ја искористи. Јапонија поведе со 15:14, па и тие по четврти пат на овој меч не искористија меч топка. Потоа Италија со три поени по ред стигна до 17:15 и победа во меч кој траеше речиси три часа.

Во полуфиналето е и Полска и тоа по пауза од 44 години. Полјаците со 3:1 во сетови ја победија Словенија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести