Италијанскиот фудбалски клуб Милан се подготвува за пријателски натпревар во градот Балтимор во Соединетите Американски Држави. Со тимот на Милан е и Златан Ибрахимовиќ, шведската фудбалска легенда, кој работи како советник во клубот. Златан даде интервју за угледниот американски спортски весник „The Athletic“, во кое зборуваше за својата нова улога како советник.
„Имам влијание врз многу прашања во клубот. Мојата задача е да донесам резултати и да ја зголемам вредноста на тимот и амбициите за победи. Не сум дадилка. Моите играчи се возрасни луѓе и мораат да преземат одговорност. Мораат да дадат 200 проценти кога не сум таму“, рече Златан.
Тој нема амбиција да биде тренер.
„Имам неколку седи влакна, а замислете колку би ги имал ако сум тренер. Тренерот работи 12 часа дневно и нема слободно време. Не би можел да го направам тоа. Мојата сегашна улога е да ги спојам сите сектори и да бидам лидер, да се погрижам сите структури во организацијата да работат. Сите мораат да бидат активни“, објасни тој.
Потенцираше и дека не верува во бог и само тој може да си суди за своите постапки.
„Не сум верник. Верувам само во почитта. Само јас можам да си судам на себеси. Не верувам во Бог. Кога мојот брат умираше од леукемија, каде беше Тој? Му се молиш секој ден, му се заблагодаруваш секој ден, но каде е Тој во такви моменти? Во мојот свет, секој е свој Бог. Во тоа јас верувам“, рече Ибрахимовиќ за „Athletic“.