Борачот Чермен Валиев го освои првиот медал за Албанија во историјата на Олимписките игри. Тој попладнево во категорија до 74 килограми го победи Виктор Расадин од Таџикистан со 6-2 во борбата за третото место и бронзениот медал на градите си заминува од Париз.
Албанија на Олимпијадите учествува од 1972-рата и беше една од ретките европски земји кои никогаш не освоиле медал. Сепак, тоа се смени сега во Париз и тоа со руски борач, кој годинава ја смени репрезентацијата поради санкциите кон неговата татковина, само за да учествува на Олимпијадата.
Чермен Валиев е роден во регионот Северна Осетија во Русија, а најголеми успеси му се светската титула до 23 години во Белград, како и европската во истата конкуренција која ја освои во Скопје.