Лидс го растури Вест Бромвич Албион со 4-0 во дербито на англискиот Чемпионшип, а македонскиот интернационалец Езџан Алиоски, беше стрелец на четвртиот погодок во 92 минута и ја стави јаготката на шлагот. Со новите три бода, Лидс изби на прво место на табелата, но до крајот на колото може да биде симнат од Норвич и Шефилд јунајтед. Алиоски играше како лев бек, но често се уфрлаше напред, му помагаше на нападот и со својот гол, го докрајчи противникот. Ова му е седми гол сезонава.
За разлика од Алиоски, голманот Столе Димитриевски немаше причина за задоволство. Неговиот Рајо Валјекано е поразен дома од Жирона со 0-2, а двоен стрелец беше Уругваецот Кристијан Стуани кој дојде до бројка од 14 гола сезонава и вкупно 100 во шпанската лига.
Стуани нема ниту една асистенција, и во топ 5 лигите во Европа, само Полјакот Пјонтек од Милан има повеќе погодоци без асистенција. Од 15-те гола на Жирона како гостин, Стуани има дадено 8, а дека е одличен напаѓач, се увери и Димитриевски. Со своите голови, Стуани сезонава на Жирона и донесе 15 бода, нешто што не му успеало на ниту еден друг играч во Шпанија.