Трета година по ред Ромелу Лукаку ќе игра за трет различен клуб во Италија. Ако претходните две сезони играше како позајмен играч во Интер и Рома, овојпат белгискиот голгетер прави трансфер кој го обврзува да го носи дресот на Наполи и тоа до 2027 година.
Челзи конечно успеа да се „ослободи“ од Лукаку, а за тоа плус ќе инкасира 30 милиони евра од трансферот, плус 30 отсто од следната продажба. Тренерот на Наполи, Антонио Конте го доби фудбалерот кој го сакаше и сега калчолигашот треба да има големо засилување во нападот.
Наполи ќе биде осми клуб за Лукаку кој почна во Андерлехт, а потоа има играно и во Челзи, ВБА, Евертон, Манчестер јунајтед, Интер и Рома. Во досегашната кариера, клубовите за доведување на Лукаку имаат исплатено дури 370 милиони евра. Секако оваа цифра може да биде и поголема, ако се знае дека напаѓачот има 31 година и се очекува да игра уште неколку сезони.
Челзи два пати плаќаше за Лукаку. Прво за 15 милиони евра го купи од Андерлехт, а потоа даде дури 113 милиони евра за да го донесе од Интер. Манчестер јунајтед има потрошено 85 милиони евра за купување на Лукаку, а Интер одвои 74 милиони евра за да го добие неговиот потпис. Евертон за Лукаку има потрошено 35 милиони евра, а сега Наполи ќе одвои 30 милиони евра. Имаше и неколку заминувања на позајмици кои истотата беа вредни по неколку милиони евра, па вкупната сума која клубовите за доведување на Лукаку ја имаат дадено е 370 милиони евра.