Најтрофејниот македонски клуб Вардар со нов тренер, Горан Петрески – Чунга, денеска (16 часот) му гостува на Шкупи на Чаир во дерби натпреварот од третото коло во Првата фудбалска лига. Ќе биде „пеколно“ на Чаир, јасно им е тоа на фудбалерите на Вардар, кои сепак се надеваат дека можат да останат непоразени.
Според квотите во Sport Life, Шкупи е умерен фаворит на овој дуел, исто како што и шампионот Струга Трим Лум е поблиску да освои три бода на пресметката против Работнички на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Стружани се единствениот тим со максимални шест бода по првите две кола.
Пелистер во Битола го пречекува Силекс, а Беса во Гостивар ќе игра против актуелниот освојувач на Купот, Тиквеш. Воска во Охрид е домаќин на Гостивар.
Брера и Шкендија својот натпревар во Струмица ќе го одиграат во вечерен термин, од 20 часот.