На Фарски Острови не се интересираат многу за фудбал: Еден билбод како најава за мечот и неколку дечиња кои добија автограми од нашите фудбалери

Фарски Острови е далеку од фудбалска велесила. Оваа репрезентација никогаш нема играно на големо натпреварување, а ниту еден тим од островот кој е на северот на Европа нема поголем успех на меѓународна сцена. Токму затоа и не е чудно што гостувањеот на Македонија во рамките од Лигата на нациите не претставува никаква посебна возбуда за локалните жители.

Првиот синоќешен тренинг на Македонија беше на стадионот на којшто ќе се игра дуелот утре попладне, а тоа е стадион кој има вештачка трева, а собира околу 6.500 гледачи. Додека тренираше македонската репрезентација, околу и на стадионот немаше ниту еден човек од обезбедување или редар.

Едноставно сè беше толку „лабаво“ затоа што фудбалот не им е „во крвта“ на жителите на оваа островска земја. Покрај стадионот, има уште неколку помали терени, на кои играа деца, иако надвор времето беше прилично студено и дуваше ладен ветер. Очигледно дека се навикнати на такви услови, за разлика од нас.

Како најава за утрешниот меч забележавме само еден билборд, на кој пишуваше кога се игра дуелот и дека цената на билетот е 50 дански круни (малку повеќе од 400 денари).

Дека сепак има деца кои следат фудбал и ги знаат најголемите ѕвезди на македонската репрезентација, покажаа по завршувањето на тренингот, кога Столе Димитриевски потпишуваше голмански ракавици, а Елиф Елмас се фотографираше со дел од децата кои играа на помошните терени.

 

- Оглас -

Најнови вести