Чудо е што промашуваше Македонија, па затоа нема победа против Фарски Острови

Македонската фудбалска репрезентација неславно ги започна дуелите од новата сезона во Лигата на нации, откако одигра само 1:1 на гостувањето во Торсхавн против Фарски Острови. Овој бод е реален ако се знае какви шанси нашите фудбалери не успеваа да постигнат гол. Веќе 11 месеци Македонија нема победа, а следната шанса да се прекине оваа низа ќе биде во Скопје кога на 10 овој месец (вторник) ќе играме против Ерменија.

Фарски Острови одлично го отворија мечот и по само девет минути игра поведоа со 1:0. Капитенот Давидсен погоди од пенал, по прекршокот во шеснаесетникот пред голманскиот простор на Столе Димитриевски.

Во првиот дел, најдобрата шанса за Македонија ја имаше Дарко Чурлинов во 19 минута. По додавање на Миовски, Чурлинов излезе сам пред голманот Рејнатрод, успеа да го помине, но наместо веднаш да шутира, чекаше па двајца домашни фудбалери се вратија и еден од нив успеа да го изблокира ударот и тоа непосредно пред топката да влезе во мрежата.

Второто полувреме започна како што само можевме да посакаме. Во 48 минута беше досуден пенал за Македонија, а капитенот Енис Барди погоди за 1:1.   

Потоа следуваа две неверојатни промашувања по кои Македонија можеше да поведе. Чурлинов втор пат се најде во стоостотна шанса и тоа во 58 минута кога од само 3-4 метри непречен од никого, малку откосо биеше директно во голманот на домаќините и топката заврши во корнер.

Во 64 минута Миовски шутира, а голманот Рејнатрод одбрани, за да шест минути подоцна офанзивецот на Жирона одлично проби по левата страна, испрати перфектен центаршут по земја, топката стигна до Ќамили кој беше во позиција од која е потешко да се промаши отколку да погоди, но играчот кој настапува во втората данска лига успеа да шутира над гол.

Во период од 76 до 78 минута и Фарски Острови имаше две шанси за гол. најпрво Микелсен излезе сам пред Димитриевски но бише во надворешниот дел од мрежата, а потоа ударот на Ватхамар го одбрани Димитриевски.

- Оглас -

Најнови вести