По ремито со Фарски Острови, селекторот Благоја Милевски потенцираше дека дел од фудбалерите не даваат доволно колку што е потребно за настап во националниот дрес.
„Од првото полувреме не можам да бидам и не сум задоволен. Од реакцијата на тимот во второто полувреме можам да бидам задоволен, но не сакам да коментирам индивидуалци, сите сме како тим. Сепак, ме загрижува еден факт. Не ми е доволна оваа емоција што ја видов денеска на теренот и искрено со ваква емоција не може да се настапува за Македонија“, реагираше Милевски по ремито во Торсхавн.
Милевски посочи и дека мора да се пообри концентрацијата во играта, посебно во завршните моменти, кога треба да се постигне гол. Само така може да се анулираат оние ситуации како денеска против Фарски Острови кога беа промашени три зицери.
„Немам што да искоментира по тие шанси што ги промашивме. Самите фубалери сакаат да дадат гол, но понекогаш едноставно не сака. Секако дека мора многу поголема концентрација во тие завршни моменти кога треба да се погоди. Останува само да жалиме за неискористените шанси. Бевме свесни дека Фарски Острови се доминантни по прекините а тоа се корнерите и аутите, но за жал не успеавме да им парираме“, анализира Милевски веднаш по мечот во Торсхавн.