Директорот на УЕФА, Микеле Ува, предупреди дека Италија има сериозен проблем да подготви пет стадиони за ко-домаќин на ЕВРО 2032 заедно со Турција, бидејќи досега единствената арена која е 100 отсто спремна е стадионот „Алијанц“ на Јувентус во Торино.
„На Италија ѝ требаат пет стадиони за ЕУРО 2032, со проекти кои се веќе одобрени и финансирани. Во моментов е подготвен само еден, стадионот во Торино. На стадионот „Олимпико“ во Рим му се потребни неколку промени, додека ситуацијата на „Сан Сиро“ во Милано е посложена. Помина една година откако беа доделени правата за домаќинство и нема голем напредок. Не се работи само за петте потребни за турнирот, Италија треба да инвестира и во помалите клубови. На пример, во Турција изградија 13 нови стадиони во последните неколку години, а не само оние што ќе бидат домаќини на Еврото“, рече Ува кој е Италијанец.