Дојде и тоа време: Србија и Албанија заеднички ќе организираат Европско фудбалско првенство до 21 година

Неверојатно звучи дека Србија и Албанија, кои отсекогаш имале меѓусебни тензии, заедно сакаат да организираат голем фудбалски настан. По десет години откако сведочевме на незаборавни сцени, кога дрон со знамето на Голема Албанија, кое ги вклучува и делови од Србија, ја прекина квалификациската средба помеѓу Србија и Албанија во Белград за Европското првенство, предизвикувајќи тепачка меѓу играчите и обид на српските навивачи да ги линчуваат гостите, дојде револуционерна вест.

Рокот за поднесување кандидатура за домаќинство на Европското првенство за играчи до 21 година во 2027 година истече, а пристигна само една апликација – заедничката кандидатура на Србија и Албанија.


УЕФА објави дека само Србите и Албанците ја поднеле својата заедничка кандидатура, додека Белгија и Турција, кои исто така најавија дека ќе аплицираат, се повлекле. Тоа значи дека речиси сигурно ќе биде прифатен предлогот од Белград и од Тирана.

Крајната одлука ќе биде донесена на состанокот на Извршниот одбор на УЕФА на 16 декември. Од Србија и Албанија изјавуваат дека со нивната заедничка кандидатура и организација на првенството за 16 репрезентации сакаат да ги надминат тензиите помеѓу двете земји.

„Ова е 100% фудбалски проект со многу добра политичка порака која можеме да ја пренесеме“, изјави Арманд Дука, првиот човек на албанскиот фудбал и потпретседател на УЕФА. Во прилог на заедничката кандидатура оди и фактот што идната година конгресите на УЕФА ќе се одржат во Белград и во Тирана.

На првенството ќе се одиграат 31 натпревар на осум стадиони. Во Србија се изградени нови стадиони во Заечар, Лесковац и Лозница, а исто така ќе бидат искористени и стадионите на Црвена ѕвезда и на Партизан, додека во тек е изградба и на Националниот стадион. Албанците, пак, имаат современи стадиони во Тирана и во Елбасан.

- Оглас -

Најнови вести