Поранешниот албански репрезентативец и фудбалска легенда во неговата земја, Лорик Цана, го критикуваше потегот на Фудбалскиот сојуз за заедничка кандидатура за организација на Европско првенство за фудбалери до 21 година со Србија.
Нашите соседи сè уште ја немаат добиено организацијата, а конкуренти ќе им бидат Белгија и Турција. Сепак, ваквиот потег крена голема прашина и во двете држави.
„Знам дека го почитуваат Дука, но нивните чувства не се искрени. Српските фудбалери требаше да покажат почит и да застанат во наша одбрана кога игравме во Белград. Тоа покажува сè за нив. Играв за Албанија, играв за репрезентацијата и го кажувам тоа што го чувствувам. Ова не е вистинскиот момент со нив да правиме нешто заедничко. Можеби во иднина ако работите се одвиваат како што треба. Дука сè уште не знае со кого има работа, затоа не се согласувам со неговата одлука да организира првенство со Србија. Се сомневам во нивната искреност за каква било соработка. Повторувам, сметам дека ова не е вистинскиот пат, не е време да се прави што било заедничко со нив“, рече Лорик Цана.