Раководството на Барселона и следното лето ќе се фокусира на доведување фудбалери кои се слободни, имајќи ја предвид финансиската ситуација во клубот.
Според информациите, главната цел на Барселона следното лето ќе биде актуелниот играч на Баерн Минхен, Лерој Сане, кој исто така е желба и на англискиот премиерлигаш Њукасл.
Сане, кој петпати ги има освоено националните првенства со Манчестер сити и со Баерн Минхен, се наоѓа во последната година од договорот со гигантот од Минхен.
Тој е еден од играчите со најголема плата во Баерн, иако ретко е стартер на натпреварите на својот клуб, особено по доаѓањето на Мајкл Олисе.
Челниците на Баерн се заинтересирани да го продолжат договорот со Лерој Сане, но шпанските медиуми имаат поинакви информации.
Имено, шпанските новинари тврдат дека Сане не е задоволен од тоа што седи на клупата и сака да игра, а наводно Ханси Флик може да му го вети тоа во Барселона.
Покрај тоа, Баерн планира да му понуди нов договор со помала плата, што исто така не му се допаѓа на овој одличен фудбалер, па можно е следното лето, како слободен играч да ја смени средината.
Покрај Барселона, во игра за неговиот потпис е и екипата на Њукасл, која игра многу добро под водство на Еди Хау и сака да стане уште поконкурентен во Премиер лигата.
Клучната улога во евентуалниот трансфер на Сане во Барселона би требало да ја има токму Ханси Флик, кој работеше со овој фудбалер додека беше тренер на Баерн.
Идеалното сценарио за Барселона би било да го почекаат следното лето и да го доведат Сане како слободен играч, но можеби ќе мора да ја променат стратегијата поради интересот од Њукасл.