Анчелоти: Мачно е да се зборува за фудбал кога има трагедија, но утрешниот меч за мене е посебен

Европскиот првак Реал Мадрид утревечер ќе го пречека Милан на „Сантијаго Бернабеу“ во четвртото коло на Лигата на шампионите. Кралскиот клуб се наоѓа на 12-то место на табелата во елитното натпреварување со шест бода, додека Милан е 25-та позиција со три освоени бода.

Предводникот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, кој спомените од минатото го врзуваат и за Милан, немаше голема желба да зборува за фудбал, бидејќи е тажен поради катастрофалните поплави во Шпанија, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе.

„Утрешниот натпревар ми е посебен, но ќе се обидам да зборувам што е можно помалку. Мина една недела од трагедијата. Тажни сме, многу сме блиску до погодените градови. Зборувањето за фудбал е компликувано во овој момент. Од почит кон сите, ќе се обидам ова да го направам едноставно, не ми се зборува за фудбал“, изјави Анчелоти.

„Страшно е сè што се случи. Секако, професионалци сме и се подготвивме за натпреварот, ќе се обидеме да победиме, мораме да го направиме тоа“, дополни тренерот на Реал, чиј натпревар против Валенсија минатиот викенд не се одигра поради поплавите.

Во тимот на Реал Мадрид се враќа Родриго, кој се опорави од повредата, додека на голот и понатаму ќе остане Андриј Лунин, а Тибо Куртоа ќе добие дополнително време за опоравок.

- Оглас -

Најнови вести