Рио Фердинанд и Мајкл Овен, поранешните играчи на Манчестер јунајтед, се согласуваат дека „црвените ѓаволи“ добија подарок во финишот на мечот, кога беше досуден пенал против ПСЖ, што Маркус Рашфорд го реализира за голема победа и пласман во четвртфиналето.
„Нема шанси никој да ме убеди дека тоа беше пенал. Секако дека ми е мило што минавме понатаму, но не ја сфаќам одлуката. Ако ова е правило, тогаш е погрешно. Ако одбранбените играчи на одалеченост од пет метри мора да ги држат рацете залепени до телото, тоа е нефер предност за напаѓачите“, изјави Фердинанд.
Со поранешниот стопер на Јунајтед се согласува и неговиот некогашен соиграч Мајкл Овен.
„За ова ниту во милион случаи не се свири пенал. Секој фудбалер ќе ви го каже тоа, а речиси секој судија ќе го досуди по прегледување со ВАР-системот. Постои голема разлика во проценката на фудбалерите и на судиите и тоа загрижува“, вели Овен.
Потврда дека нема пенал стигна и од поранешниот судија во Премиер лигата, Марк Клатенбург.
„Ова ќе продолжи во натпреварувањата под капата на УЕФА, но во Премиер лигата ниту еден судија нема да го досуди. УЕФА им дава такви инструкции, но јас го разбирам бесот на Кимпембе и на парижаните. Играчот се обиде да ја тргне раката и нема намера да игра со неа. Погледнете ја снимката и ќе немате дилеми. Пенал немаше“, изјави Клатенбург.