Мухамед Сејдини, вршителот на должноста претседател на Фудбалската федерација на Македонија, и селекторот на нашата репрезентација Игор Ангеловски остварија средба со Амбасадорот на Мексико, Марко Антонио Гарсија Бланко, а меѓу другото, разговарано е за организација на пријателски меч со реномираната селекција на оваа земја.
„Мексико е една од најатрактивните репрезентации и секако дека стана збор за евентуален пријателски натпревар меѓу Македонија и Мексико. Тоа е наша желба, а исто така разговаравме и за можноста да го споделиме искуството во однос на работата со младите фудбалери и репрезентациите“, изјави Сејдини за интернет-страницата на ФФМ.
Бланко е амбасадор на Мексико во Србија, а допатува во Скопје во работна посета и ја искористи можноста да поразговара за фудбалските случувања во Македонија.