Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон во големо интервју за „Кориере дела сера“ разговараше за многу теми од неговиот личен живот, но и за фудбалот воопшто. Тој има свој фаворит од фудбалерите со коишто играл во иста екипа, но и оние кои му биле противници, а одговорот навистина изненади многумина.
„Играв со три генерации, како да ви објаснам? Зидан, Роналдо, Меси, Кристијано, Иниеста…, но ако морам да изберам само еден, тогаш тоа е Нејмар. За играч и момче каков што е тој, требаше да има пет Златни топки“, вели Буфон.
Поранешниот голман на репрезентацијата на Италија има само пофалби и за Лионел Меси.
„Финале на Лигата на шампионите во 2015. Полувреме е. Чувствувам рака на грбот: ‘Џиџи, сакаш сега да ги замениме дресовите?’ Тоа беше Меси. Вистински великан“, додава легендарниот Италијанец.
Вели дека лесно можел да го облече дресот и на Барселона, како резервен голман и да игра во иста екипа со Меси, но емоциите го однеле назад во Парма.
„Барселона сакаше да ме ангажира како втор голман. Ми се допадна идејата да играм со Меси, но додека се возев, го кренав погледот и ја видов таблата на наплатната рампа на која пишуваше ‘Парма’ и веќе ми беше јасно“, вели Буфон.