Италијанскиот гигант Јувентус само формално треба да ги одработи останатите девет меча во Серија А и да стигне до одбрана на титулата. „Старата дама“ ја продолжува доминацијата на домашно тло, па затоа речиси и да не се загрижени што за утрешниот меч против Калјари нема да може да сметаат на првата ѕвезда во тимот, Кристијано Роналдо.
Португалецот го повреди мускулот на ногата за време на репрезентативните обврски и сега е на рехабилитација. За Јувентус е најважно Кристијано да биде подготвен за дуелот против Ајакс во Амстердам, во рамките од четвртфиналето во Лигата на шампионите, кој е закажан за 10 април.
Сепак, тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри не дава многу оптимистички најави.
„Роналдо вежба, но тешко дека ќе игра против Ајакс во Амстердам. Сепак, мора да бидеме опстимисти. Прегледите покажаа дека ногата му е многу подобра. Има уште девет дена до мечот и во овој период заеднички треба да одлучиме дали Кристијано ќе настапи или не во Амстердам. Не смееме да ризикуваме“, рече Алегри.
Освен без Роналдо, Јувентус на утрешниот меч против Калјари ќе биде и без Пауло Дибала.