На англискиот фудбал му се заканува вистински хаос со Брегзит, а заострениот визен режим ќе создаде многу проблеми со фудбалерите кои доаѓаат од земјите членки на Европската унија.
Досега како членка на ЕУ, Велика Британија немаше посебен визен режим за државите што исто така се во заедницата, но од јануари 2021 година ќе има нови правила на игра.
И токму зимскиот преоден рок во јануари за две години ќе биде вистински тест за фудбалот на Островот. Ако се оди на принципот еднаков режим за сите, тогаш клубовите ќе треба да се снаоѓаат за своите играчи и да им вадат работни визи, како што моментно е за државјани на земји кои не се членки на ЕУ. А, тоа според експертите во Англија, ќе направи вистински хаос во фудбалот во земјата што се смета за колевка на оваа игра.
Според дел од фудбалските авторитети, Брегзит ќе биде добар за англискиот фудбал бидејќи ќе се намали бројот на странците, а на нивна сметка повеќе ќе играат домашните фудбалери.
Еден од нив што ја застапува оваа теорија е Герет Саутгејт, актуелниот селектор на Гордиот Албион, но неговата позиција е разбирлива. Очекувано е Герет да притиска да играат домашните фудбалери повеќе од странците за да има поголем избор на квалитетни фудбалери за националната селекција, но се чини дека со Брегзит и најавените промени во визниот режим, и ако до него дословно се држат Англичаните, ќе се намали квалитетот на фудбалот на Островот, особено во Премиер лигата, која е меѓу најсилните на светот.