Килијан Мбапе вчера ја доби наградата за најдобар играч во францускиот шампионат за сезоната 2018/19. Исто така беше прогласен и за најдобар млад играч, додека му остана уште едно коло во Лига 1 за да се дознае конечната бројка во погодоци. Засега има 32, односно вкупно 38 гола во сите натпреварувања, така што е втор кандидат за Златната копачка во Европа.
По церемонијата во која ги собра наградите, Мбапе го прашаа кој ќе ја освои Златната топка, а тој без монгу дилеми го посочи Лео Меси како прв фаворит.
„Меси ќе ја освои Златната топка. Елиминацијата во Лигата на шампионите не прави никаква разлика. Едноставно, тој е број еден. Многупати покажа дека е најдобар играч оваа година и мислам дека до крајот на 2019 година ќе игра на врвно ниво“, изјави Мбапе.
https://twitter.com/LioneI10i/status/1130428286767685633
Инаку, самиот Французин е конкурент за најпрестижната индивидуална награда, но тој не се става меѓу фаворитите. Младата ѕвезда на ПСЖ воедно му пркоси на Меси во трката за Златната копачка во Европа, но се чини дека таа ќе заврши во рацете на Аргентинецот бидејќи постигна вкупно 50 гола во сите натпреварувања оваа сезона, додека Мбапе засега брои 38 погодоци.
Што се однесува за Златната топка, доколку ја добие Меси, ќе му биде шеста во кариерата и повторно ќе има една повеќе од Кристијано Роналдо. Добитникот на Златната топка на „Франс фудбал“ ќе се знае на крајот од годинава.