Работнички го совлада МЗТ Скопје Аеродром со 88-84 во последниот натпревар од кошаркарската Суперлига и со тоа официјализирани се полуфиналните двојки за плејофот: МЗТ – Гостивар и Работнички – Блокотехна. Плејофот почнува в недела, а на првите мечеви домаќини се скопските клубови.
Скопското дерби за првпат се играше во Куманово, и тоа без присуство на публика. Ова е десетта победа на Работнички во градските дербија кои се играле надвор од „Градски парк“ или „Јане Сандански“.
Бодовите не беа важни бидејќи ништо не сменија на табелата, но престижот во Работнички го сфатија посериозно. Клучна беше третата четвртина која тимот на тренерот Марин Докузовски ја доби со 28-16, со што во последните десет минути „црвено-белите“ влегоа во двоцифрена предност.
МЗТ се мачеше од линијата за слободни, „штрковите“ утнаа дури 13 пенали. За МЗТ ова е втор пораз по ред, тимот се релаксира откако го осигури првото место и наредниот меч ќе покаже дали МЗТ е во криза или се чувале за најважните натпревари.