„Штрковите“ летнаа кон Словенија

По одличниот старт во втората АБА-лига и поразот од Блокотехна во првата македонска лига, за МЗТ Скопе Аеродром утре од 18 часот следува тешко гостување во Копер кај Сикст Приморска. И Приморска извојува две победи во првите две кола и важи за еден од фаворитите за титулата во регионалното натпреварување.

„Штрковите“ попладнево со авион заминуваат за Љубљана, од каде што ќе се упатат кон Порторож, каде што ќе бидат сместени, а вечерва ќе тренираат во салата „Бонифика“, во која во 2013 година се играше и една група од Евробаскетот за мажи.

Еден од најдобрите играчи на Приморска е Иван Маринковиќ, кој пред неколку сезони беше во дресот на МЗТ, прв стрелец им е Марко Јагодиќ Куриџа, а таму се и Жан Марк Шишко и Лука Вончина, кои во минатата сезона играа заедно со Љубомир Младеновски во Илирија.

Пренос од натпреварот ќе има на телевизијата Арена 2.

„И ние и тие атакуваме на самиот врв на табелата. На првите два меча функциониравме како што треба, но имаме уште многу простор за напредување, ова уште е почетна фаза од сезоната. Мора да бидеме агресивни, да не му дозволиме на противникот да диктира свој ритам. Верувам дека можеме да победиме“ – рече плејмејкерот Лестер Медфорд.

 

- Оглас -

Најнови вести