Авантурата на Џанлуиџи Буфон во тимот на Пари Сен Жермен траеше само една година. Легендарниот италијански голман потврди дека си заминува од францускиот првак, но тоа нема да значи дека оди во пензија. Популарниот Џиџи, кој има 41 година, најави дека ќе се врати во Италија, но не откри во кој клуб ќе брани.
По овие најави, веднаш асоцијацијата е дека Буфон ќе се врати во Парма, клубот каде што започна. Тој беше член на Парма во периодот од 1995 до 2001 година, а потоа замина во Јувентус. Буфон стана легенда на Старата дама, каде што помина цели 17 години, а не си замина дури ни кога клубот играше во Серија Б.
Колку за потсетување, Буфон во дресот на Парма гостуваше во Скопје, на дуелот против Победа од Прилеп.