Силекс секогаш е најсилен во мечот кога треба да остане во Прва лига

Силекс и следната сезона ќе игра во Првата фудбалска лига. Во бараж-мечот, кој одлучуваше за последниот патник во Прва лига, кратовци со 3:2 беа подобри од Тиквеш, на натпреварот одигран на неутрален терен во Ѓорче Петров. Уште во првото полувреме Силекс покажа дека е решен да остане меѓу најдобрите.

Бобан Георгиев со головите во 12-тата и во 15-тата минута донесе рано водство на Силекс од 2:0. Иван Ивановски намали на 2:1 во 22-рата минута, но само три минути подоцна, Силекс повторно стигна до комотна предност благодарение на погодокот на Марко Рајковиќ.

Во второто полувреме Ивановски по вторпат погоди за Тиквеш и намали на 2:3 во 58-мата минута, но иако имаше повеќе од половина час до крајот на средбата, резултатот не се промени.

Со оваа победа кратовци потврдија дека се вистински мајстори за вакви нокаут-дуели за опстанок. Ова беше нивен четврти бараж-меч и имаат сто отстотен ефект. Во сезоната 2005/06 Силекс го победи Маџари Солидарност со 1:0 и успеа да го продолжи прволигашкиот статус, а и во следните две сезони го фаќаше последниот воз за опстанок.

Во 2006/07 кратовци беа подобри од ФК Скопје, победија со 2:1 и пак го зачуваа статусот прволигаш, а и следната сезона беа во таква ситуација, играа бараж со Беласица, но и во тој меч беа подобри, победија со 2:0 и нанижаа хет-трик успеси во мечевите да се биде прволигаш или не.

За разлика од нив, Тиквеш не бил прволигаш од сезоната 2003/04 и по повеќе од една и пол деценија не успеа да се врати во Прва лига.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести