Нов проблем кај Австријците, Сабицер се скара со селекторот Фода

Австрија има нов проблем, а во фокусот е играчот од средниот ред на Ред Бул Лајпциг, Марсел Сабицер. Тој беше заменет на мечот со Словенија, а незадоволен од одлуката на селекторот Франко Фода, одби да се поздрави со него.

Австријците во Скопје доаѓаат без повредениот капитен Давид Алаба, неизвесно е дали ќе игра и стоперот Хинтерегер, а сега имаат дополнителна кавга меѓу Фода и Сабицер.

Сабицер беше заменет на дуелот со Словенците во 71. минута, на патот кон клупата за резерви, реагираше несоодветно кон Фода и тоа веднаш го забележаа австриските новинари, кои објавија дека има сериозен проблем меѓу еден од најдобрите играчи во репрезентацијата и селекторот.

„не беше среќен што го заменив, но сакав да го засилам нападот за да се обидеме да постигнеме гол. Не е ништо страшно“, изјави Фода.

Неговиот потег да го замени Сабицер се покажа како добитна комбинација, бидејќи по само 180 секунди игра Гвидо Бургшталер, кој влезе во игра на местото на Сабицер го постигна победничкиот гол за Австријците.

Гостите денеска ќе допатуваат во Скопје, а ќе биде инетерсно да се види дали Фода ќе му прости на играчот на Лајпциг за некоректниот однос, и дали Сабицер како што во последно време е вообичаено ќе биде стартер за Австрија.

Мечот меѓу Македонија и Австрија ќе се игра утре од 20.45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

 

- Оглас -

Најнови вести