Австрија остана без двајца капитени, Арнаутовиќ дојде на ред по една година пауза

Двајцата капитени на Австрија, Јулијан Баумгартлингер и Давид Алаба се повредени и нема да играат вечер од 20.45 часот против Македонија, па логично изборот на селекторот Франко Фода „падна“ на напаѓачот Марко Арнаутовиќ.

По една година пауза, офанзивецот на Вест хем ќе биде капитен на австриската репрезентација и тој ќе ги предводи гостите на теренот.

Арнаутовиќ има најмногу натпревари за Австрија од сите играчи што допатуваа во Скопје, ќе го игра 81-виот меч, а тој е и најефикасен со 22 гола. Последен пат беше капитен на дуелот со Северна Ирска во ноември лани, во меч од Лигата на нациите.

На него ќе треба посебно да се внимава во отсуство на Давид Алаба, главниот креатор на играта на Австријците. Селекторот Фода ќе мора да ја менува формацијата и најавено е дека гостите ќе настапат со двајца напаѓачи, Арнаутовиќ и Бургшталер, кој го даде победничкиот гол против Словенија.

Неизвесен е настапот на Мартин Хинтерегер, па евентуална замена за него на стоперската позиција би бил Стефан Пош, кој игра за Хофенхајм.

Најсилна страна во отсуство на Алаба, им е тандемот Сабицер – Арнаутовиќ и на нив посебно ќе треба да се внимава. Шансата на Македонија е што гостите имаат многу проблеми во дефанзивниот дел, па по подолг период речиси од две години, можно е заедно да не игра тандемот стопери Хинтерегер – Драговиќ.

Проблеми има и нашиот селектор Игор Ангеловски, а најголема главоболка му задава повредата на Елиф Елмас и отсуството на стоперот Висар Муслиу. Елмас има оток на глуждот и неговиот настап е неизвесен. Муслиу доби црвен картон, па ќе мора да паузира.

Можни состави:

Македонија: 3-5-2 – Димитриевски – Бејтулаи, Велковски, Ристевски – Ристовски, Барди, Елмас (Хасани), Николов, Алиоски – Пандев, Несторовски. Селектор: Игор Ангеловски.

Австрија: 4-4-2 – Линднер – Лајнер, Драговиќ, Хинтерегер (Пош), Улмер – Лазаро, Шлагер, Лајмер, Сабицер – Бургшталер, Арнаутовиќ. Селектор: Франко Фода.

 

 

- Оглас -

Најнови вести