Марин Докузовски не можеше да каже дали останува тренер на Работнички и во следната сезона, или сепак ќе се повлече. Докузовски планира да седне со управата и да се договорат насоките во кои ќе оди клубот, по што ќе ја донесе својата одлука дали продолжува или не.
„Треба да седнеме сите заедно, да направиме анализа, да видиме каде се грешело, што било добро, што треба да се направи. Нека помине малку време, па со управата да се договориме како понатаму“ – рече Докузовски.
Што се однесува до финалето, тој смета дека со 5-6 играчи, било тешко да се освои титулата.
„Му честитам на МЗТ, тие се покажаа како поквалитетен тим. Мислам дека на последните два меча бевме хендикепирани, но дадовме отпор. Ако имавме поголем ростер, немаше да заврши финалето вака со 3-0. Игравме одлично во поголем дел, но снемавме сила, со 5-6 играчи не можете да се држите цел меч“ – анализираше некогашниот селектор.
Сезонава Работнички освои купот, но тоа не го задоволува Докузовски.
„Освоивме Куп, игравме финале, згора на тоа пеховите што не игравме плејоф во својата сала, не ни го регистрираа Џонсон, па повредите, ако се гледа така, треба да сме задоволни. Но, јас како тренер на Работнички никогаш не сум задоволен ако титулата не е освоена. Без разлика дали има оправдани или неоправдани причини“ – заврши Докузовски.