Дарио Срна се збогуваше со професионалната кариера, но наместо да земе одмор од фудбалски активности, тој веднаш се пушти во тренерските води. Хрватот ќе биде дел од стручниот штаб во Шахтар Донецк по повикот од новиот тренер Луис Кастро.
Срна изминатава сезона играше во дресот на калчолигашот Калјари, кој дојде како слободен играч откако го напушти украинскиот гигант по 15 години. Инаку тој е најдобриот играч во историјата на Шахтар, за кого запиша повеќе од 500 настапи и долго време беше капитен на тимот.
Некогашниот хрватски репрезентативец запиша и 134 настапи за Коцкесите. Со Шахтар освои вкупно 26 трофеи, од кои 10 се титули во украинската лига и неговиот најголем успех во кариерата, Купот на УЕФА (Лигата на Европа) во 2009 година.