Репрезентацијата на Бразил е првиот финалист на Копа Америка откако во дуел со вечниот ривал Аргентина победи со 2:0 на мечот одигран во Бело Хоризонте. Кариоките дадоа по еден гол во двете полувремиња за голема радост на домашните фанови.
Габриел Жезус и Роберто Фирмино беа хероите на Бразил. Во првото полувреме, Фирмино асистираше за погодок на голгетерот на Манчестер сити, додека во второто полувреме улогите беа сменети, но ефектот беше ист. Бразил даде гол за победа против најголемиот противник.
https://twitter.com/MathiasAw1/status/1146221439873363970
По водството на Бразил од 1:0, Аргентина беше таа која повеќе напаѓаше и се обидуваше да израмни. Пред крајот на првиот дел, по асистенција на Меси, Серхио Агуеро со глава шутираше, но ја погоди пречката. На почетокот на вториот дел, Бразил повторно имаше среќа. Меси шутираше, но стативата беше сојузник на Кариоките.
Кога Гаучосите не ги искористија шансите, ги стигна казна. Габриел Жезус прифати една топка на 30-тина метри во својата половина, истрча повеќе од 60 метри со топката и потоа додаде до Фирмино, кому му остана полесната работа, односно да даде гол и да зголеми на 2:0.
https://twitter.com/YoungBuck_21/status/1146237830823387138
Со оваа победа и пласманот во финалето, Бразил ја продолжува традицијата. Досега четири пати Кариоките биле домаќини на Копа Америка и секогаш биле шампиони. Сега си обезбедија место во финалето, каде што ќе го очекуваат подобриот од дуелот Чиле – Перу.
За Аргентина и Лионел Меси останува проклетството да нема радост веќе 26 години на континенталниот турнир. Последен пат Аргентина беше шампион во далечната 1993 година.