Македонски фудбал две сезони на Арена спорт, натпревари ќе пренесува и МТВ

Македонската Прва лига во следните две сезони ќе се пренесува директно на спортските канали на регионалниот гигант Арена спорт, а ќе има по два натпревари од секое коло, еден во сабота и еден во недела.

Во проектот за телевизиските права ќе биде вклучен и нашиот Национален сервис (МТВ). Двата натпревари од секое коло (сабота и недела) ќе се емитуваат и на МТВ, која телевизиски ја покрива територијата на нашата држава со директни преноси и коментар на македонски јазик.

„По успешните преговори, задоволство е да објавиме дека постигнавме договор околу телевизиските права за натпреварите од 1 МФЛ. Добивме понуда и правата ги отстапуваме на Арена спорт. Со ова праќаме широка порака. Ова е порака дека фудбалот го враќаме на телевизија низ директни преноси, свесни за важноста на нашата соработка со Арена спорт како водечки регионален спортски канал и МТВ како национален сервис. Од друга страна, ова е голема можност и за клубовите, не само поради тоа што сега се ослободени од плаќање котизација за настап во домашниот шампионат, туку многу повеќе заради вниманието кое ќе го добијат и можноста за своја промоција во секоја смисла. Со емитувањето на регионален канал се зголемува и одговорноста кај нив, но и кај судиите и сите други чинители. Наша задача е да го чуваме имиџот и вредностите на нашиот фубал и да работиме да биде уште поуспешен и попопулареен. ФФМ останува сервис на клубовите за подобрување на имиџот и што е можно подобра презентација на домашната лига. Само заеднички можеме да му покажеме на регионот дека и во нашата држава има силни екипи, добри фудбалери и квалитетен фудбал“, е изјавата на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, за официјалната интернет-страница на нашата Фудбалска федерација.

Дел од парите, а се шпекулира дека се 300 илјади евра за двете сезони, што клубовите ќе ги добијат од Арена спорт ќе бидат искористени за котизација што досега задолжително ја плаќаа прволигашите на сметката на ФФМ.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести