Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми е најплатениот играч на Динамо Загреб со 500 илјади евра по сезона, заедно со Марио Гаврановиќ, но сега позицијата им е загрозена, ако Шпанецот Дани Олмо остане во клубот и ја прифати понудата за петгодишен договор.
Динамо му нуди 800 илјади евра по сезона или вкупно 4 милиони евра за петгодишен договор на европскиот првак со младата шпанска репрезентација.
Олмо игра одлично во континуитет за Динамо, а блескаше и на ЕП за играчи до 21 година и беше еден од најдобрите играчи на новиот шампион Шпанија.
За него интерес покажаа и Барселона, клуб кој му е матичен, бидејќи почна во познатата Академија „Ла Масија“, но и Реал Мадрид. Се шпекулираше за отштета од 30 милиони евра за Динамо, но популарните Модри имаат големи европски амбиции и сакаат да го задржат Олмо.
Од лани, кога го продолжи договорот со Динамо, Адеми се израмни со Гаврановиќ како тандем најплатени играчи на хрватскиот шампион. Зад нив е францускиот интернационалец Кевин Теофил-Катерин со 450 илјади евра нето годишна плата и најголемото засилување во летниот преоден рок Франсоа Мубанџе со 400 илјади евра.