Пандев како вистински капитен со порака: „Ова е фамилија“

Македонија ја прекина серијата од 15 месеци без пораз откако синоќа убедливо со 4-0 беше совладана на гостувањето кај Ерменија, во мечот од четвртото коло во Лигата на нациите. Поразот е изненадувачки висок, ако се знае дека Македонија е лидер во групата, а Ерменија само пред неколку дена на свој терен загуби од Гибралтар.

И покрај овој неуспех, избраниците на селекторот Игор Ангеловски сами ќе си одлучуваат. Македонија и понатаму е прва во групата и до крајот треба да гостува кај Лихтенштајн, а во последното коло дома го пречекува Гибралтар. Со четири бода од овие два меча, нашите фудбалери ќе го задржат првото место и ќе продолжат во походот кон Европското првенство 2020 година.

По завршувањето на синоќешниот меч, капитенот Горан Пандев преку фотографија покажа дека и покрај неочекуваниот висок пораз, атмосферата во репрезентацијата не е променета и останува позитивна. На селфито кое беше испратено преку социјалните мрежи, покрај капитенот Пандев, се и Бобан Николов, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски и Ѓоко Зајков. На самата фотографија, пораката на популарниот Гоче е составена само од еден збор, „Фамилија“, пропратена со македонското знаме и знак на сила.

Самодовербата дека Македонија може да стигне до завршницата на ЕП 2020 година, едноставно, не смее да ја снема. Следниот меч во Лигата на нациите Македонија ќе го игра на гости кај Лихтенштајн, на 11-ти ноември, а три дена подоцна на арената „Филип Втори“ играме против Гибралтар, кога треба и да се прослави првото место во групата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести