Вистински фудбалски празник ќе биде денеска во Велес, а по цели 19 години гостин во Првата лига на Борец ќе му биде најтрофејниот македонски клуб Вардар.
Последен пат „црвено-црните“ играа против Борец како прволигаш на гостински терен во 2000-та година во ноември и победија со 2:0.
Од сезоната 2000/2001 велешани тавореа во понизок ранг, но лани конечно повторно се вратија во фудбалската елита кај нас и веќе во второто коло подготвуваат спектакл за 10-кратниот македонски првак со плус една титула од Југославија.
И двете екипи лошот ја почнаа новата сезона со идентични порази од по 0:2, па ова ќе биде шанса за поправен испит. Дербито на второто коло ќе се игра од 17 часот, а во истиот термин ќе се играат уште четири меча од второто коло.
Второто дерби ќе се игра во населбата Ѓорче Петров меѓу Македонија и Академија Пандев, две екипи кои имаа многу куси европски епизоди, но потоа со победи го почнаа домашниот шампионат.
Македонија го изненади Вардар со победа на госрински терен од 2:0, а Академците на Пандев го поразија актуелниот шампион Шкендија со 1:0, па победникот од овој меч ќе има шанса да биде лидер со максимален учинок по две рунди.
Идентична шанса имаат и Ренова и новиот прволигаш Струга, кои победија на стартот, па сега во Тетово ќе бијат битка за нови три бода.
Тешка задача ќе има Силекс во Кратово, против за нив најнезгодниот ривал во Првата лига, Шкендија. Силекс не знае за победа против актулениот шампин на 14 меча по ред, а последен пат кратовци се радуваа на три бода пред 4 години кога славеа на домашен терен со 3:1.