До почетокот на Светското првенство во кошарка останаа само уште 13 дена, а во тимот на САД предводен од селекторот Грег Попович, останаа уште 13 играчи, што значи дека еден ќе треба да отпадне. Многу ѕвезди одбија да настапат, па сега Американците се во ситуација да стравуваат дали ќе го освојат златото.
Во тимот на Попович се Харисон Барнс, Џејлен Браун, Џо Херис, Кајл Кузма, Брук Лопес, Крис Мидлтон, Донован Мичел, Мејсон Пламли, Маркус Смарт, Џејсон Тејтум, Мајлс Тарнер, Кемба Вокер и Дерик Вајт.
Американците се во група со Јапонија, Турција и Чешка, со која се среќаваат во првото коло. Хрватска нема да биде дел од Мундобаскетот, но Хрватот Марио Хезоња на социјалните мрежи се пошегува со тимот на САД. Новиот член на Портланд трејлблејзерс насмеа многу вљубеници во спортот со портокаловата топка.
„Воопшто нема да бидам изненаден ако и Грег Попович се повлече“ – напиша Хезоња на Твитер, по повод масовното откажување. Првиот список на кандидати на Попович, имаше 35 имиња, а од тој широк список, сега само четворица му се на располагање.