„Црна дупка“ од 10 минути го елиминираше Вардар од шансата да се бори за светската титула

Вардар нема да игра во финалето на Супер Глоуб купот откако попладнево загуби од Кил со 30:34. Актуелниот европски првак одигра лошо второ полувреме и во една таква ситуација не можеше да се очекува победа против германскиот ривал.

„Црни“ беа 10-тина минути во второто полувреме за Вардар. Кил имаше водство од 22:20 во 36-тата минута, а потоа следуваше победничката низа за Германците. Голманот Николас Ландин го „маѓепса“ голот на противникот, Вардарци утнаа два пенали и пет-шест зицер-позиции, а Кил тоа знаеше да го казни. Со серија од 7:0, во 45-тата минута стигна до недостижна предност од 29:20. Потоа погоди Дибиров за да ја прекине серијата на пртивникот, но тоа беше предоцна.

Кил водеше од почетокот на дуелот, а Вардар само во еден дел од првото полувреме одигра во посакуваниот ритам. Црвено-црните имаа водство од 14:11, но тоа кратко траеше. Кил со серија од 6:1 повторно го врати водството и на полувремето водеше со 19:17, предност која беше само зголемена до крајот на мечот.

Чупиќ, Дибиров и Шишкарев со по пет погодоци беа најефикасни во составот на Вардар. За играч на мечот сосема заслужено беше избран голманот на Кил, Ландин.

 

 

- Оглас -

Најнови вести