Македонските арбитри се мајстори за драми – Ставрев го судеше најдолгиот меч за пласман во Лигата на Европа

Македонските судии како да се претплатени да ја делат правдата на најдраматичните мечеви во Европа на почетокот на сезоната, а по Димитар Мечкаровски, кој судеше 150-минутна драма во Рига, вчера и Александар Ставрев издржа над два и пол часа на теренот на „Жози Бартел“ во Луксембург.

Нашиот најдобар судија беше делител на правдата на реванш-мечот за пласман во Лигата на Европа меѓу Дуделанж и Арарат Ерменија, што траеше најдолго од сите 21 дуели што се играа вчера. И единствен што беше одлучен на пенали, по 120-минутна драма која заврши со 2:1, идентично како и првиот меч.

Се шутираа пенали, а шестата серија беше среќна за Дуделанж, екипа која втора година по ред ќе игра во фаза по групи во Европа Лигата. Тоа е екипата што ја елиминира Шкендија, а сега успеа да оди докрај и повторно да настапи во второто по квалитет клупско европско натпреварување.

Пред Ставрев, и Мечкаровски беше сведок на уште една фудбалска драма. Тој го судеше реванш-мечот од стартното квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу ФЦ Рига и Дандалк, а решението стигна дури по долгата пенал-серија со вкупно 14 удари од белата точка, по која Ирците го славеа пласманот во следната фаза.

 

- Оглас -

Најнови вести